Ана ДИМИШКОВСКА
УДК: 162: 165Изворен научен труд ВО КАНЦЕЛАРИЈАТА НА ДОКТОР ХАУС: ЛЕКЦИИ ПО АБДУКТИВНО РАСУДУВАЊЕ
Кратка содржинаАбдукцијата, која честопати се дефинира како заклучување кон најдоброто објаснување, е тип расудување што се употребува во ситуациите во кои постои некој вид проблематично, збунувачко сведоштво, што треба да се објасни со помош на најдобрата достапна хипотеза. Меѓу различните полиња на примена на абдуктивното расудување, полето на медицината игра особено значајна улога, првенственo во неговиот дијагностички сегмент, во чии рамки треба да се постави адекватна дијагноза за причините за состојбата на пациентот.Во овој труд е направен обид да се разработат логичките и епистемолошките аспекти на дијагностичката аппликација на абдуктивното расудување. Дејноста на фиктивниот медицинско-дијагностички гениј -доктор Хаус, креиран од страна на Дејвид Шор (David Shore), е употребена како илустративен пример за сложената природа на овој тип расудување. Главната цел на анализата прикажана во трудот е да се тестира адекватноста на доминантните теориски објаснувања на абдуктивното расудување, особено во поглед на неговата структура, динамика и практична применливост на медицинското поле, како и да се идентификуваат неговите елементи што бараат поопстоен теориски третман од епистемолошка гледна точка.
Клучни зборови: АБДУКЦИЈА, ЗАКЛУЧУВАЊЕ КОН НАЈДОБРОТО ОБЈАСНУ-ВАЊЕ, ГЕНЕРИРАЊЕ НА ХИПОТЕЗИ, ОПРАВДУВАЊЕ НА ХИПОТЕЗИ, ДИЈАГНОСТИЧ-КО РАСУДУВАЊЕ, ДОКТОР ХАУС
УводКој е доктор Хаус? За пасионираните љубители на современите телевизиски играни серии со медицинска тематика, ова прашање, најверојатно, е реторичко. Кој од нив би можел да не го знае Грегори Хаус, уникатниот главен лик на американската телевизиска серија Хаус, брилијантно портретиран од страна на британскиот актер Хју Лори (Hugh Laurie)? 1 За оние, пак, кои не се во таа мера запознаени ФИЛОЗОФСКИ ФАКУЛТЕТ СКОПЈЕ со популарните продукти на американската ТВ-индустрија и немаат поим кој би можел да биде доктор Хаус, тој може да биде опишан како фиктивна личност, која, при хипотетичка средба со неа во реалниот живот, кај повеќето од нас би инспирирала силни, противречни чувства.Таквата реакција, всушност, би се должела не само на Хаусовиот исклучително тежок -мизантропски, циничен и нарцистички -карактер, туку, исто така, и на неговата професионална позиција. Имено, во споменатата телевизиска серија, Грегори Хаус раководи со тим дијагностичари како шеф на одделот за дијагностичка медицина во фиктивната Принстон-Плејнсборо клиничка болница во Њу Џерси. Тој е прикажан како медицински гениј чија мисија е да ги реши најтешките дијагностички случаи, претставувајќи еден вид "Шерлок Холмс" на медицински план. Токму затоа, од гледна точка на пациентот, да се добие информацијата дека Хаус е назначен за негов или нејзин лекар претставува мешавина од лоши и добри вести. Од една страна, тоа значи не само дека случајот е речиси безнадежен, туку и дека пациентот ќе биде обврзан да соработува со лекар што има антисоцијална, непријатна, тешко поднослива структура на ли...